Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска информираше дека во моментов ги собираат сите информации за увозот и дистрибуцијата на сомнителниот мазут и кога ќе ги имаат сите податоци ќе ја информираат јавноста. Негоавата реакција доаѓа по истражувањето на ИРЛ и најави дека ако не се реализирани сите процедури согласно правилникот за квалитет на течни горива и процедурите за увоз на нафтени деривати, документите ќе му ги предадат на Јавното обвинителство.
Тој нагласи дека веднаш откако излегло истражувањето на ИРЛ, во координација со Кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски, подготвиле заклучоци во Владата, кои, како што рече, веќе се усвоени.
„Сите институции, почнувајќи од Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Инспекторатот за животна средина имаат обврска во роковите предвидени согласно заклучоците да ги достават сите информации“, рече Бектеши.