Примирјето меѓу Израел и Хамас, постигнато со посредство на Египет, стапи во сила во 2 часот по локално време во Појасот Газа и Израел, со што се стопираат 11-дневните насилства меѓу израелската војска и милитантните исламистички групи.
Израел синоќа го објави прекинот на огнот, откако заседавал потесниот состав на владата задолжен за безбедност.
Палестинците излегоа на улиците во Газа по прекинот на огнот. Висок претставник на Хамас прогласи победа во конфликтот во говорот пред илјадници луѓе во градот Газа, нарекувајќи ја прославата „еуфорија на победата“.
Од почетокот на судирите на 10 мај, израелската војска изведе стотици воздушни напади врз инфраструктура на Хамас, вклучувајќи ја и мрежата на тунели.
Од друга страна, Хамас и други екстремистички организации истрелале повеќе од 4 илјади ракети врз израелски градови.
Во судирите загинале најмалку 230 Палестинци, а повеќе од илјада и 700 лица се ранети. Во Израел, пак, загинале 12 луѓе.
Американскиот претседател Џо Бајден го поздрави примирјето, велејќи дека тоа следи по интензивни дискусии на високо ниво меѓу Соединетите Држави, Египет, палестинските власти и други земји од Блискиот исток, „со цел да се избегне продолжениот конфликт што го видовме во претходните години кога започнаа непријателствата “.
Говорејќи непосредно пред стапувањето во сила на прекинот на огнот, Бајден ја пофали египетската влада дека имала клучна улога во посредувањето на договорот и рече дека американската дипломатија работи „од час во час“ за да ги запре борбите.