Зеленски со критика за дистрибуцијата на руски пасоши во Донбас

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече неодамнешниот чекор на Москва за дистрибуција на руски пасоши на жителите во источните украински региони Доњецк и Луганск како „голем проблем“ и прв чекор кон
анексијата на областа.

Зеленски рече дека решавањето на тековниот конфликт меѓу сепаратистите поддржани од Русија и украинските вооружени сили во Донбас, потоа „деокупацијата“ на Крим и продолжување на борбата против олигарсите остануваат негови приоритети.

"Ова е дефинитивно првиот чекор, бидејќи истото се случи еднаш на Крим, на жителите на Крим им беа дадени руски пасоши. Ова е голем проблем", рече Зеленски.

Според официјалната новинска агенција ТАСС, повеќе од 527.000 руски пасоши се дистрибуирани во Донбас од април 2019 година.

Односите меѓу Москва и Киев се нарушија откако Русија го анексираше украинскиот регион Крим во 2014 година, а сепаратистите поддржани од Русија ја презедоа контролата врз дел од источна Украина истата година.

Односите се влошија во последните месеци откако двете земји меѓусебно се обвинија за зголемувањето на борбите во источна Украина. Русија во, како што ја нарече, одбранбена вежба ги зајакна трупите на нејзината западна граница со Украина и Крим.

Зеленски порача дека неговата влада има планови како да го реши конфликтот во Донбас и повторно повика на разговори со рускиот претседател Владимир Путин за ова прашање што треба да се одржат или во зоната на конфликтот или на неутрална територија.

Тој ги пофали западните партнери на Украина за помагање во намалувањето на тензиите во односите меѓу двете земји и ги повика да продолжат со притисокот врз Кремљ.