САД и Русија се судрија околу воениот и економскиот развој на Арктикот

Државниот секретар на САД, Антони Блинкен и Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

САД и Русија се судрија околу воениот и економскиот развој на Арктикот, додека регионот се справува со ефектите од климатските промени. Вашингтон на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на Арктичкиот совет во Рејкјавик собра поддршка за спречување на плановите на Москва на северот, додека Русија го презема ротирачкото претседателство на Советот.

Државниот секретар на САД, Антони Блинкен, рече дека групата треба да продолжи да се фокусира на еколошките прашања, поморската безбедност и благосостојбата на домородното население во регионот.

Од своја страна, Русија бара да постави поморски правила на Северноморскиот пат, кој се протега од Норвешка до Алјаска, да ги продолжи воените разговори на високо ниво во рамките на блокот осум нации, откако тие беа прекинати во 2014 година поради руската анексија на Украина.

Блинкен ја истакна важноста од поддржување на „ефикасното владеење и владеењето на правото“ за да се осигура дека „Арктикот останува регион ослободен од конфликти каде земјите дејствуваат одговорно“. Соединетите држави веќе ја доведоа во прашање законитоста на предложените руски поморски правила и изразија длабоки резерви за руската воена активност на крајниот север.

Неколку други министри за надворешни работи, вклучително и оние од Канада, Исланд, Финска, Норвешка и Шведска, го повторија повикот на Блинкен да го одржи Арктикот мирен и без конфликти под надлежност на меѓународната заедница, отколку на одделни земји. Претставници на домородното население на Арктикот повикаа да се слушне нивниот глас.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва е загрижена од распоредувањето странски трупи во Норвешка, во близина на руската граница и ги доведува во прашање мотивите на НАТО во распоредувањето на бомбардери и подморници во областа.

„Ние сме загрижени за она што се случува близу до нашата граница со Норвешка“, рече Лавров на прес-конференција по состанокот.

Норвешка, членка на НАТО, која има кратка граница со Русија, минатиот месец им даде дозвола на САД да градат објекти на три норвешки аеродроми и една поморска база.

„Нашиот сосед Норвешка, кој никогаш немаше принцип на трајно присуство на странска војска, одлучи да го измени своето законодавство“, рече Лавров.