Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн денеска изјави дека португалското претседателство со ЕУ во моментов работи на конкретен предлог, односно на една рамка со која би требало да дојде до согласност и нивната цел е до јуни да се дојде до усогласување. Амбасадорката одговараше на прашање дали до крајот на португалското претседателство со Унијата земјава ќе успее да стартува со преговорите за полноправно членство во ЕУ.
Таа вели дека не знае како конкретно изгледа предлогот.
„Тој се ориентира на преговорите кои минатата година се одржуваа во Берлин, но од друга страна за Бугарија целото тоа прашање особено сега со техничка влада е многу тешко“, изјави Холштајн по примопредавање на германската донација на тестови за ковид-19 за Министерството за здравство.
Амбасадорката не очекува да им предизвика проблеми на колегите во Софија по вчерашната изјава, кога рече дека „26 земји членки се држат како заложници од некои мали национални интереси на една земја која прави штета на целата Европска унија и го уништува нејзиниот кредибилитет на Западен Балкан“. Денеска таа рече дека не го употребила зборот Бугарија.
Вчера на разговор во бугарското МНР беше повикана хрватската амбасадорка поради изјавата на хрватскиот претседател во кој тој остро ја нападна политиката на Бугарија кон евроинтеграција на С. Македонија.
Европската Комисија најави дека еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи, Аугусто Сантош Силва, утре ќе отпатуваат за Скопје и Софија. Тие со себе носат предлог за деблокирање на ветото на Бугарија за Северна Македонија.