Европската Комисија најави дека еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи, Аугусто Сантош Силва, утре ќе отпатуваат за Скопје и Софија, јавува МИА.
Вархеји и Сантош со себе носат предлог за деблокирање на ветото на Бугарија за Северна Македонија поради кое не може да се одобри формално одржувањето на првата Меѓувладина конференција.
Премиерот Зоран Заев претходно денеска најави дека очекува челници на Португалија која што е претседавач со ЕУ и комесарот Вархеј да ги посетат Скопје и Софија и да соопштат решение на кое што работат веќе пет-шест месеци. Посетата доаѓа во пресрет на одлучувачкиот Совет за општи работи на ЕУ на 22 јуни кога ќе се одлучува за усвојување на преговарачката рамка и првата Меѓувладина Конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија, со што би започнале и формално преговорите за членство во ЕУ година и половина откако беа одобрени.
Утре наутро, Вархеји и Сантош ќе бидат во Софија каде што ќе се сретнат со бугарскиот претседател, Румен Радев, како и со премиерот и министерот за надворешни работи на техничката влада.
Попладнето, пак, тие ќе пристигнат во Скопје каде ќе се сретнат со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димотров.
Доколку земјите членки на ЕУ постигнат согласност до 22 јуни за Северна Македонија и доколку преговарачката рамка ја задоволува и македонската страна, првата Меѓувладина конференција би можела да се одржи помеѓу 22 и 30 јуни годинава.