Најмалку девет луѓе, меѓу нив жени и деца, загинаа во експлозија на бомба поставена на пат во јужната авганистанска провинција Хелманд. При експлозијата се ранети уште две деца. Засега никој не презема одговорност за експлозијата.
Во меѓувреме, талибанските милитанти ја презедоа контролата врз окружниот центар во источната провинција Лагман, соопштија тамошните власти. Округот беше под опсада на талибанците најмалку еден месец. Авганистанската армија се обидуваше повеќе од една недела да добие засилување и залихи за заробените владини сили кои се наоѓаат во таа област, но талибанците ги спречија тие напори. На крајот, властите соопштија дека ги евакуирале владините сили преку посредство на локалните племенски старешини и дека нема жртви.
Талибанците водат жестоки битки со владините сили и во округот во Али Шанг, со што се доведува во прашање безбедносна состојба во претежно руралната провинција Лагман.
Минатата недела, пак, талибанците ја презедоа стратешката област во централната провинција Вардак, близу до Кабул. Неколку дена претходно талибанците презедоа област и во северната провинција Баглан.
Милитантите ги засилија нападите низ Авганистан, откако на 1 мај почна повлекувањето на меѓународните сили, кое треба да заврши до 11 септември.
Во меѓувреме напорите кои се водат за мировни разговори меѓу двете страни запреа. Тоа што нема напредок во разговорите и повлекувањето на силите на САД и НАТО ќе биде голем тест за авганистанските безбедносни сили, а американски генерали и други официјални лица изразија загриженост дека тоа може да доведе до колапс на авганистанската влада.