„На 14 мај беше преземен непријателски чин против руската дипломатска мисија во Северна Македонија. Властите во земјата еден од дипломатите го прогласија за „персона нон грата“. Остро ги осудуваме ваквите немотивирани активности, кои не можат, а да не се одразат на руско-македонските односи. Ќе следат реципрочни мерки“, се наведува во реакцијата на руското Министерство за надворешни работи.
Реакцијата доаѓа откако Македонија протера руски дипломат по членот 9 од Виенската конвенција. Дипломатот е протеран оти постапувал несоодветно со дипломатскиот статус, а постапките се документирани, истражени и потврдени од страна на Министерството за надворешни работи, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Нотата со која се наложува дипломатот да ја напушти територијата на Северна Македонија во рок од седум дена, му била предадена на рускиот амбасадор во Скопје Сергеј Баздникин во МНР на 14 мај.