Судот одлучи поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, да остане во притвор, откако Кривичниот совет во Основниот кривичен суд во Скопје, одби да ја замени мерката притвор со понудената парична гаранција од 10, 8 милиони евра. Советот донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива како неоснован, се наведува во соопштението на Судот.
Во него се наведува дека се одбива понудената парична гаранција со која Мијалков сакаше да се брани од слобода, оти, како што наведуваат се уште постојат причини поради кои била определена мерката притвор, имајќи ги во предвид видот и карактерот на кривичните дела како и висината на изречената казна, односно се уште има опасност тој да избега.
Дека постои опасност од бегство, наведуваат од Судот, укажува и тоа што тој по определување на мерката куќен притвор во предметот „Таргет – тврдина“ повеќе од 24 часа беше недостапен на органите на прогон, што води до заклучок дека по прифатена гаранција и укинување на мерката притвор, може повторно да биде недостапен на органите на прогон.
На решението на Судот Мијалков може да се жали пред Апелациониот суд во рок од 3 дена по приемот на решението.
Мијалков е во притвор во затворот Скопје за случајот „Трезор“ за кој е осуден во првостепена постапка на осум години затвор. Тој одделно за случајот „Таргет – тврдина“, со првостепена пресуда е осуден на 12 години казна затвор, а против Мијалков се водат и други постапки.