Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека неговиот состанок со американскиот Државен Секретар Ентони Блинкен во Рејкјавик бил „конструктивен“, но исто така истакнал „сериозни разлики“ во начинот на кој двете земји гледаат на светот.
Тој рече дека се надева оти лидерите на Соединетите Држави и Русија ќе дефинираат начини за подобрување на односите меѓу непријателите од Студената војна, иако нивните ставови „многу се разминуваат кога станува збор за нашата проценка на меѓународната состојба и нашите приоди кон тоа како треба да ја решиме“.
Американски официјален претставник ја опиша средбата како деловна и продуктивна, но рече дека нема напредок и оти работата околу односите меѓу Москва и Вашингтон ќе се одвива и во следните недели и години.
Разговорите меѓу Лавров и Блинкен опфатија низа теми, вклучувајќи го и предложениот самит меѓу американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.
Лавров одби да одговори на прашањето дали Москва се согласила на самитот, пренесе Интерфакс.
Американскиот официјален претставник им соопшти на новинарите дека Блинкен и Лавров се согласиле да ги остават Кремљ и Белата куќа да го објават датумот за можниот самит.