Американскиот претседател Џон Бајден му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетенјаху дека денеска очекува значителна деескалација на конфликтот во Газа, кој трае веќе десетти ден.
Ова е четврти повик на Бајден до Нетенјаху за една недела.
Американскиот претседател рече дека сака да се најде пат кој ќе доведе до прекин на огнот, се наведува во денешното соопштение на Белата куќа.
Како одговор на тоа, Нетанјаху рече дека е „решен да ја продолжи“ воената офанзива сè додека не се постигне мир и безбедност на израелските граѓани.
Двете страни континуирано разменуваат оган од почетокот на 10 мај.
А денеска од либанска територија кон Израел беа истрелани четири ракети, по што израелската војска реагираше со артилериски бомбардирања на либанска територија.
Повеќе од 200 луѓе, вклучително и многу жени и деца, досега се убиени во Газа, според здравствените власти во Газа. Израел соопшти дека меѓу убиените има најмалку 150 милитанти.
Од израелска страна, бројот на жртвите се искачи на 12 откако ракетите истрелани од Хамас убија двајца тајландски државјани кои работеле во фабрика, соопшти полицијата.
Како одговор на повикот на Бајден за деескалација, портпаролот на Хамас рече дека оние што се обидоа да воспостават смиреност мора „да го принудат Израел да ги прекине агресијата во Ерусалим и бомбардирањето на Газа“. Откако тоа ќе се случи, тогаш може да се зборува за ангажман за повторно воспоставување на мир, вели портпаролот на Хамас, Хазем Ќесем.