По повод 19 мај – Светскиот ден на матичните лекари, министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук напиша дека тие се клучна алка во синџирот за јавното здравје. Тој пишува дека матичните лекари за време на пандемијата понесоа голем товар, од превенција и контрола на пациентите, споделување совети, утврдување на потребна терапија, совети за престој дома, па сè до обезбедување превоз до ковид центрите. Тие заедно со целиот здравствен персонал играат важна улога и за процесот на ковид имунизацијата, кој е во тек, напиша Филипче.
Во 2019 година, како што посочува министерот за здравство, сите матични лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија добија приближно 15 отсто или 8 денари покачување за капитационен бод, односно за 1000 пациенти добиваат околу 8000 денари повеќе, а за 2000 пациенти 16.000 денари повеќе средства.
„Со ова значајно ја олеснивме нивната работа и нивното функционирање. Ова зголемување отвори можност, да бидат стимулирани, дополнително да вработат медицинска сестра, да вработат и административен работник, се со цел докторите се повеќе да бидат посветени на нивните пациенти“, напиша Филипче.