Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во обраќањето пред Виенскиот економски форум преку видео врска потсети дека Европската Комисија преку Економскиот и инвестициски план (ЕИП) за Западен Балкан планира да мобилизира до 28 милијарди евра преку фондови и поттикнување инвестиции во регионот, потсети Вархеји.
Тој додаде дека планот има за цел да го приближи Балканот економски до стандардите на ЕУ уште пред полноправното членство. Во Брисел се размислува и за целосна интеграција во одредени сегменти на заедничкиот внатрешен пазар на ЕУ, рече еврокомесарот.
„Сакаме земјите од Западен Балкан да учествуваат во креирањето на политики пред да станат полноправно земји членки на ЕУ“, истакна Вархеји и додаде дека досегашните напори на регионално ниво за приближување на стандардите на пазарот, признавање на дипломи, обуки, олеснување на слободното движење на луѓето во регионот се важни чекори кон ЕУ стандардите.
Тој го пофали фактот што регионот од ова лето ќе го укине роамингот меѓусебно, а во Брисел се работи за значително намалување на цените на роамингот помеѓу ЕУ и Западен Балкан, потврди еврокомесарот за проширување.
Премиерот Зоран Заев на истиот форум рече дека Европскиот инвестициски план кон Западен Балкан е од исклучителна важност за пост-ковид периодот и обновата на економијата.