Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се надева дека земјата годинава ќе ги удвои приходите од туризмот во однос на минатата 2020 година, кога имаше голем пад предизвикан од пандемијата на коронавирус.
Тој синоќа нагласи дека нема да прави никакви компромиси во однос на здравствената безбедност за прием на туристи по официјалното отворање на летната сезона.
„Минатата година остваривме 25 отсто од приходите од 2019, оваа година се надеваме дека тоа ќе надмине 50 отсто, рече Мицотакис на онлајн форум.
Туризмот е важен сектор за грчката економија и пред пандемијата претставуваше скоро една четвртина од БДП на земјата. Од 18 милијарди евра приходи од туризам во 2019, минатата година беа заработени само 4,28 милијарди евра, што е пад од над 76 проценти, покажуваат податоците на Грчката туристичка конфедерација.
Грција во петокот официјално ја почна туристичката сезона кога го укина седуммесечниот карантин и повторни ги отвори границите на сите патници кои се вакцинирани или имаат негативен ПЦР тест на коронавирус.
Поради рестрикциите за патување кои и понатаму се на сила во Европа, Грција не очекува голем број туристи до крајот на јуни или почетокот на јули.