Германската амбасадорка Анке Холштајн денеска изјави дека португалското претседателство во моментов работи напорно да се најде консензус за преговарачката рамка за Македонија до Советот на ЕУ што е закажан во јуни и изрази жалење што Германија не успеала да го постигне овој консензус за време на нивното претседателство со ЕУ. Таа вели дека Македонија нема простор за маневрирање и оти има црвени линии што не смеат да се преминат.
На дебатата „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“, во организација на Европското движење на С. Македонија, таа рече дека македонската Влада покажала добар став „и покрај омаловажувањата во овој процес, со цел да не се нарушат добрососедските односи“.
Според неа, и опозицијата дала голема поддршка во оваа тешка ситуација.
Холштајн вели дека едногласноста е неопходна во европските институции, а обидите да се отстрани ваквиот пристап не биле досега успешни, особено во процесот на проширување.
„Значи 26 земји членки се држат како заложници од некои мали национални интереси на една земја која прави штета на целата Европска унија и го уништува нејзиниот кредибилитет на Западен Балкан“, рече Холштајн, додавајќи дека една силна ЕУ има потреба од силен и стабилен Западен Балкан и тоа отсекогаш било една од клучните цели на ЕУ и на самата политика на проширување.
Таа рече дека Германија го поддржува проширувањето на ЕУ и се залага Македонија и Албанија да добијат датум за преговори во пакет, оти ако не се одржат европските перспективи во овој регион, ќе се отворат вратите за надворешни сили кои имаат желба и се заинтересирани да навлезат во овој простор со цел да го дестабилизираат.
Холштајн е децидна дека мешани сигнали кои се праќаат до земјите аспиранти не се во корист за никого.
Според неа, ЕУ треба да биде модератор, но не треба да коригира и суди при вакви спорови кога станува збор за недоразбирања за минатото во изминатите сто години и оти тоа е надвор од принципите што го водеа процесот на проширување – транспарентноста и предвидливоста.
Дополнителни услови, смета Холштајн, уште повеќе ќе отворат можност за нови билатерални барања во иднина, па дури и ќе го кочат целиот процес со години или децении.
Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ, со тврдење дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и оти Македонија ја краде бугарската историја.