Русиja го одобри производството на вакцината „Спутник В“ во Србија

Втора пратка од 3.000 руски вакцини „Спутник В“. Меѓународен аеродром Скопје.

Вакцината против ковид-19„ Спутник Ве“ произведена во Србија доби зелено светло од рускиот Институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“. Српскиот министер за иновации, Ненад Поповиќ, денеска рече дека со одобрувањето и потврдувањето на квалитетот на вакцината произведена на белградскиот Институт „Торлак“, Србија станува првата земја во Европа што ќе ја произведува вакцина „Спутник Ве“.

„Институтот „Гамалеја“ потврди дека вакцините произведени во „Торлак“ ги исполнуваат пропишаните стандарди за квалитет. Денеска ја добивме таа потврда од нашите руски партнери и добивме одобрение да продолжиме со производството, изјави Поповиќ.

Тој посочи дека во следните две недели очекува од Русија во Србија да пристигне значително количество на супстанца за производство на двете компоненти на вакцината „Спутник Ве“.

„Многу скоро, Србија ќе има доволно вакцини за целосно да ги покрие своите внатрешни потреби и ќе разговараме со претседателот Вучиќ каде треба да се испраќаат вакцините надвор од границите на Србија, со цел да им помогнеме на нашите партнери во регионот и Европа во борбата против коронавирусот“, додаде Поповиќ.