Обвинителството отвори уште една истрага против Рашковски

Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски

Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција отвори нова истрага за веќе осомничениот поранешен генерален секретар на Владата Драги Рашковски во друг предмет за оштетување на буџетот за 100 илјади евра со незаконито спроведување на јавна набавка. Обвинителството покрај на наребата за спроведување нова истражна постапка, од судот продолжување на мерките за обезбедување присуство, со оглед на тоа што за неколку дена истекува притворот на поранешниот генерален секретар на Владата.

Како што соопштија од Обвинителството, од прибраниот доказен материјал од претходната истрага произлегло дека тројца од веќе осомничените лица сториле уште две кривични дела, оштетувајќи го буџетот за над 6,6 милиони денари.

„Првоосомничениот се товари дека во периодот од 2017-2019 година при спроведување на постапка за јавна набавка потпомогнат од останатите двајца осомничени ја злоупотребил службената положба и овластување. Исто така, првоосомничениот со умисла помогнат од второосомничениот во периодот од 2019 – 2021 година за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ со што двајцата сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување“ се вели во соопштението на Обвинителството.


Според досегашната предистражна постапка, Рашковски во периодот од 2017-2019 година со умисла спровел две јавни набавки со помош на останатите двајца осомничени, при што не биле почитувани одредбите од Законот за јавни набавки, и дополнително без спроведена постапка за јавна набавка, првоосомничениот извршил плаќање по разни основи на правно лице сопственост на третоосомничениот во вредност од 2.720 евра.

„Во временскиот период од месец мај 2019 година до месец февруари.2021 година, првоосомничениот го искористил службеното овластување и со умисла помогнат од второосомничениот склучиле два авторски договори за кои на месечно ниво на второосомничениот му бил исплаќан нето износ од 80.000,00 денари. Согласно претходен договор меѓу двајцата осомничени, паричните средства биле делени во сооднос 5:3 во корист на второосомничениот, со што првоосомничениот за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ од вкупно 590.000,00 денари.“ се вели во соопштението.

Рашковски е во притвор во врска со „истрагата за набавка на софтвер“. Поранешниот генерален секретар на Владата и доскоро висок владин службеник е осомничен во случајот за јавна набавка на софтер за сообраќајни прекршоци кој што Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело.