Меѓународниот олимписки комитет соопшти дека Олимписките игри во Токио годинава ќе бидат безбедни и за спортистите кои што ќе учествуваат и за јавноста, односно публиката која ќе присуствува. Ова доаѓа по спротивставувањето на јавноста во Токио поради стравувањата дека со одржувањето на игрите ќе се разгори пандемијата и ширењето на коронавирусот.
Шефот на Комитетот Томас Бах рече дека 80 проценти од жителите на Олимпиското село ќе бидат вакцинирани пред одржувањето на игрите кои се закажани за 23 јули. Тој во својот говор во Токио ги отфрли повиците за откажувањето на Олимписките игри, посочувајќи дека спортските настани докажеле дека Олимпијадата може да се одржи со силни превентивни мерки.
Настанот прв пат закажан за минатата година веќе беше одложен поради пандемијата.
„Заедно со нашите јапонски пријатели и партнери и Комитетот сме целосно посветени да организираме безбедни олимписки и параолимписки игри за сите“ изјави Бах.
Уверувањата на Бах доаѓаат во период кога Јапонија се бори со четврт бран на инфекции со ковид-19 и бавната вакцинација на населението што дополнително ја намали довербата на јавноста во безбедно одржување на Олимписките игри.
- Јапонија со нови мерки битката против ковид-19 во пресрет на Олимписките игри
- Британија размислува дали да ги вакцинира олимпијците
Според последните податоци во изминативе три месеци од почетокот на вакцинацијата, помалку од 30 проценти од медицинските лица во поголемите градови се вакцинирани против ковид-19 . Здружението на медицински лекари во Токио каде што се вклучени 6 илјади од примарната здравствена заштита, повикаа на откажување на одржувањето на Олимписките игри.