Реконструкцијата на Античкиот театар Скупи за 4 години е реализирано само 7,5 проценти, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија. Без обезбедени пари во буџетот на Управата за заштита на културното наследство реализацијата на договорот вреден 8,6 милиони евра е бавна, се вели во извештајот.
Ревизорите дале неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи како и за усогласеност со закони и прописи. Тие при ревизијата констатирале дека Управата нема изготвено Годишен извештај за работењето кој треба да биде доставен до Владата, ниту пак Национална стратегија за заштита на културното наследство која се донесува за период од 5 години и која треба да содржи долгорочни основи на политиката за заштита и користење на културното наследство.
Според документите на Управата за заштита на културно наследство, Владата одобрила спроевдување на постапка за повеќегодишна набавка за реконструкција во вкупна вредност од 8,6 милиони евра.
„Со увид во буџетот на Управата за 2016, 2017, 2018 и 2019 година, ревизијата утврди дека не се планирани средства во износ утврден во мислењето на Министерство за финансии, по кое се дава согласност за реализација на оваа повеќегодишна постапка за јавна набавка. Без добиено одобрение за градење изведувачот е воведен во работа што не е во согласност со член 56 од Закон за градење. Од страна на изведувачот во септември 2019 година е испратен допис до Управата со кој се известува за малиот процент на реализација на договорот и се истакнува дека извршени се сите подготвителни работи, но до датумот кога е доставен дописот нема инструкции кога и на кој начин ќе се продолжи со проектот и необезбедувањето на средства во буџетот на Управата за повеќегодишната градба на Античкиот театар Скупи придонело реализацијата на договорот до крајот на 2019 година да е само 7,56 проценти“, стои во соопштението.
Дополнително, се наведува дека ревизорите утврдиле дека од програмата за Возобновување на Св. Климентовиот Универзитет на Плаошник, од 2010 година до денот на ревизијата, потрошени се средства во износ од 12 милиони евра. Утврдени се повеќе слабости во делот на непочитување на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за градење и одредбите на склучените договори. Резултат на ваквата состојба е пролонгирање на роковите за изградба на објектите, како и поскапување на градбите за што се потрошени повеќе буџетски средства во услови кога објектите сеуште не се во функција.