Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, денеска на Исланд треба да одржат разговори, во период на влошени односи меѓу глобалните ривали.
Американски и руски официјални лица изјавија дека двајцата дипломати ќе се сретнат на маргините на Арктичкиот совет на собирот во главниот град на Исланд, Рејкјавик, заради подготовки на потенцијалниот самит меѓу претседателите Џо Бајден и Владимир Путин следниот месец.
Но, Блинкен и Лавров најверојатно ќе имаат повеќе на својата агенда на нивниот прв состанок откако американскиот дипломат стапи на должност по инаугурацијата на Бајден на 20 јануари.
Американско-руските односи се закануваат да се вратат на ниско ниво од ерата на Студената војна. Двете сили имаат повеќе прашања што ги делат - вклучително и руското воено натрупување во и околу Украина, маневрирања за позиција во Арктикот, третманот на Русија спрема опозиционерот Алексеј Навални, рускиот проект за гасоводот „Северен поток 2“ и обвинувањата на САД за руски сајбер напади и мешање во изборни процеси.
„Ние повеќе би сакале да имаме постабилни и попредвидливи односи со Русија“, рече Блинкен вчера во Рејкјавик.