Министерството за надворешни работи (МНР), согласно член 9 од виенската конвенција за дипломатски односи, одлучи да прогласи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Република Северна Македонија, соопштија денеска од Министерството.
„Во оваа насока, на 14 мај 2021 година, во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската федерација, при што беше врачена нота со која се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Северна Македонија во рок од седум дена“, се наведува во соопштението од МНР.
Според Членот 9 од Виенската конвенција, на кој се повикува македонското МНР за оваа одлука, „државата во која се акредитира, може во секое време и без обврска да ја образложи својата одлука, да ја извести државата која акредитира дека шефот или кој било член на дипломатскиот персонал на мисијата е персона нон грата или дека кој било друг член на персоналот на мисијата не е прифатлив. Државата која акредитира тогаш ќе го отповика лицето кое е во прашање или ќе ги заклучи неговите функции во таа мисија според случајот“.
Според истиот член, некое лице може да биде прогласено за персона нон грата или како неприфатено и пред да дојде на територијата на државата кај која се акредитира. А, ако пак државата која акредитира одбие да ги изврши или не ги изврши во разумен рок обврските кои ги презема согласно точка 1 од овој член, државата кај која се акредитира може да одбие на лицето за кое станува збор да му го признае својството на член на мисијата.
Македонското МНР не прецизира причината за прогласувањето на рускиот дипломат за непожелен во Македонија.
По информацијата од МНР, и претседателот на државата, Стево Пендаровски, го потврди случајот.
„Информиран сум, од тоа што го видов, случајот беше документиран од надлежните институции, не стануваше збор за импровизација. Рокот од седум дена за дипломатот да ја напушти земјата му е даден од човечки аспект. Се водеше сметка и од човечкиот аспект, не само за дипломатската конвенција, да не биде тоа преку ноќ. Тие луѓе имаат и семејства и идруги интереси и нехумано е да постапуваме на таков начин“, изјави на прашање од Гласот на Америка, претседателот Стево Пендаровски за протерувањето на рускиот дипломат.
Видете и ова: Руски агенти во време на експлозии во фабрики за оружје во БугаријаМинатиот месец, рускиот заменик на военото аташе е прогласен за „персона нон грата“ во Бугарија, објави на Фејсбук Амбасадата на Русија во Софија. Претходно, бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека уште еден руски дипломат е прогласен за „персона нон грата“.
Во април и чешките власти соопштија дека ги информирале НАТО и ЕУ за наводната вмешаност на Русија во смртоносната експлозија на складиште со муниција во 2014 година, по што одлучија да протераат 18 руски дипломати. Русија смета дека „тоа е апсурдно обвинение под влијание на Вашингтон врз Прага“.