Македонска и бугарска делегација на 26-ти овој месец со заеднички активности во Рим ќе го слават делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
Делегациите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија предводени од претседателите Стево Пендаровски и Румен Радев, оваа година заедно со бугарски авион, ќе патуваат за Рим. Претседателот Радев ќе допатува во Скопје и по кусата средба со претседателот Пендаровски на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим, информираат од кабинетот на Пендаровски.
Државните делегации на двете земји веќе неколку години заедно оддаваат почит на Денот на Кирил и Методиј, положувајќи цвеќе кај базиликата „Санта Маџоре“ како и на гробот на свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим и Ватикан.
Пендаровски и Радев лани ја откажаа посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј поради влошената состојбата со пандемијата на Ковид-19.