Европската унија побара од Русија да го укине контроверзниот закон за странски агенти кој се користи против медиуми на руски јазик меѓу кои и Радио Слободна Европа. Денешниот повик на ЕУ, кој дојде преку портпаролот на шефот на европската дипломатија Џозеп Борел, следува откако руските власти го проширија опфатот на законот донесен пред девет години и ја засилија неговата примена.
Мината недела судски извршители од Москва почнаа со процес за запленување на имотот на сервисот на РСЕ во рускиот главен град, барајќи список со опрема која би можела да биде запленета. Извршителите добија и судска наредба за замрзнување на сметката на радиото.
Претходно рускиот медиумски регулатор ги додаде Втајмс, онлајн медиумски портал основан од поранешни вработени во весникот Ведомости, на списокот странски агенти.
“ЕУ постојано бара од руските власти да го укинат овој закон и да ги почитуваат нивните меѓународни обврски за слобода на изразување и здружување“, рече Петер Стано, портпарол на Борел.
Русија го усвои таканареченитот закон за странски агенти во 2012 година и подоцна го видоизмени. Со него се бара невладините организации кои имаат странска поддршка а за кои владата смета дека имаат политичка активност да бидат регистрирани и да се идентификуваат сами како странски агенти. Со подоцнежните измени тие обврски важат и за медиумите финансирани од странство.
„Такви акции имаат јасна интенција да ги попречат операциите на РСЕ во Русија како дел од поширок тренд да се задуши независноста на медиумите и критичките гласови во земјата“, рече Стано.