Рускиот суд го одложи рочиштето за организациите на Навални

Архива - рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Рускиот суд го одложи рочиштето за случајот против политичката мрежа на затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, со цел да утврди дали неговата организација треба да биде прогласена за „екстремистичка“, објави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Се очекуваше Градскиот суд во Москва денеска да донесе одлука по предлогот на обвинителството три организации поврзани со Навални да бидат означени како „естремистички.“

Станува збор за Фондацијата за борба против корупција (ФБК), Фондацијата за граѓански права (ФЗПГ) и регионалното седиште на Навални.

Сепак, по почнувањето на сослушувањето, обвинителите за случајот додадоа уште шест тома материјал, што значи дека ќе биде потребно време да се разгледаат, изјави адвокатската група којашто го застапува Навални.

Еден час по сослушувањето, судот донесе одлука за одложување на рочиштето за 9 јуни.

Обвинителите претходно рекоа дека организациите на Навални биле „ангажирани во создавање услови за дестабилизација на социјалната и социо-политичката состојба под маската на нивните либерални пароли“.