ОН - Работа од 55 часа неделно го зголемува ризикот од предвремена смрт

Лого на Светската здравствена организација.

Извештај на Обединетите нации покажува дека ризикот од предвремена смрт од срцеви заболувања и од мозочен удар е поголем кај луѓето кои работат повеќе од 55 часа неделно.

Студијата на Светската здравствена организација на ООН (СЗО) и на Меѓународната организација на трудот (МОТ) е објавена на 17 мај во списанието „Енвајрмент интернешнл“ и претставува прва глобална проценка на ризиците врз животот и здравјето, поврзани со долгото работно време.

Студијата, која се фокусира на претпандемиските години (2000-2016), употребува податоци од десетици студии во кои биле вклучени стотици илјади учесници.

„Работата од 55 или повеќе часа неделно е сериозна опасност по здравјето“, изјави Марија Неира - директор на одделот за животна средина, климатски промени и здравство на СЗО.

„Време е сите ние - владите, работодавците и вработените да се разбудиме од фактот дека долгото работно време може да доведе до прерана смрт“, вели Неира.

Во Извештајот на СЗО и МОТ се заклучува дека работењето 55 часа неделно или повеќе е поврзано со зголемен проценет од 35 отсто на ризик од мозочен удар и за 17 проценти пораст на ризикот од смрт од исхемична срцева болест, во споредба со работата 35 до 40 часа.

Студијата вели дека помеѓу 2000 и 2016 година, бројот на смртни случаи како резултат на срцеви заболувања поврзани со долгите работни часови се зголемил за 42 проценти, додека бројката за мозочни удари пораснала за 19 проценти.