Рускиот суд денеска треба да го разгледа случајот против политичката мрежа на затвореникот на Кремљ, Алексеј Навални, за да утврди дали таа треба да биде означена како „екстремистичка“.
Градскиот суд во Москва по барање на обвинителите ќе донесе одлука дали три организации поврзани со Навални ќе бидат прогласени за „екстемистички.“ Тоа се Фондацијата за борба против корупција (ФБК), Фондацијата за заштита на правата на граѓаните (ФЗПГ) и регионалното седиште на Навални.
Обвинителите велат дека организациите биле „ангажирани во создавање услови за дестабилизација на социјалната и социо-политичката состојба под маската на нивните либерални пароли“.
Активистите за човекови права остро го критикуваа предлогот на обвинителот и го нарекоа „скандалозен“ обид за замолчување и угнетување на какво било спротивставување и несогласување во земјата.
Доколку судот донесе одлука во корист на барањето на обвинителите, што се очекува, ќе значи дека секој поврзан ќе биде „веднаш обвинет за екстремизам и тоа ќе доведе до затворски казни за оние кои работат во седиштето, како и за оние кои помагаат и соработуваат со нив“, изјави Леонид Волков кој беше сојузник на Навални.
Таквата одлука Навални и неговите приврзаници и финансиски поддржувачи ќе ги изедначи со припадниците на милитантната група „Исламска држава“ и Ал-Каеда. Според рускиот закон, членство или финансирање на екстремистичка организација се казнува со затвор до 10 години.
Иван Жданов - шеф на ФБК, на 29 април изјави дека активностите на организацијата нема да запрат без оглед на резултатот од судското рочиште. ФБК објави бројни истраги за раскошниот начин на живот на руската елита.
Меѓу нив е истрагата за резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин која беше објавена минатиот месец на Јутјуб. Истрагата утврдила дека во резиденцијата има луксузни ентериери и голем спа центар што не им бил откриен на руските даночни обврзници. Путин негира дека палатата е негова.
Потегот да се обележат екстремистичките организации на Навални е последен во низата напади на врз него откако во август 2020 година претрпе напад со труење со нервен агенс.