Претседателот на Бугарија Румен Радев изрази надеж дека партиите ќе покажат внимателност и одговорност и дека по изборите на 11 јули во следниот парламент, ќе формираат влада.
„Не е добро Бугарија да оди од избори на избори и да нема парламент“, рече тој во изјава за Бугарското национално радио и нагласи дека не сака да мисли дека се можни трети парламентарни избори оваа година.
Според него, парламентаризмот во Бугарија е значително ослабен за време на владеењето на премиерот Бојко Борисов. Радев упати критика и кон владата на Борисов за одбивањето да го ажурира буџетот. Тој додаде дека владата во заминување не го доставила Бугарскиот план за обновување и одржливост до ЕУ и со тоа ја ставила привремената влада во исклучително тешка ситуација.
Во Бугарија пред некој ден стапи на должност привремената влада која до формирањето нова влада по изборите ќе ја води Стефан Јанев, близок советник за безбедност и одбрана на Радев. Најсиромашната земја-членка на Европската унија повторно се наоѓа пред избори откако изборите во април резултираа со неуспех во формирањето нова влада.