Заев: Следи градење на СДСМ за новото време

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев

До конгресот на СДСМ денеска предлагаме 120 кандидати за членови на Централниот одбор и девет кандидати за членови на Надзорниот одбор. Следува обновување на досегашната кадровска понуда на партијата, охрабрување на различно мислење, но и градење на СДСМ за новото време, рече денеска лидерот СДСМ Зоран Заев во своето обраќање на 26. изборен конгрес на партијата.

Тој информираше дека од кандидатите 60 се жени, 60 се мажи, а 45 се млади. Според него, освен целосно еднаква застапеност на жените и мажите, има и 37,5 проценти застапеност на младите. Заев порача и дека повеќе од две-третини се нови членови на Централниот одбор и Надзорниот одбор на партијата.

„Со последните измени на статутот, уште повеќе ја демократизиравме партијата, но и го зајакнавме учеството на младите и жените во органите и телата на СДСМ. Следува најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање на и менталитетот на политичките партии во земјата, почнувајќи од СДСМ“, додаде Заев.

Тој посочи дека новата политика ќе се реализира преку пет клучни столба. Прво, како што рече, преку обновување на досегашната кадровска понуда на СДСМ, но без откажување од нивните луѓе. Второ, ангажирање на сите можни капацитети во борба против корупцијата и криминалот. Трето, охрабрување на различно мислење, и почитување на туѓи ставови. Четврто, градење на СДСМ за новото време. Петто, поттикнување, подигнување на мотивацијата на граѓаните.

„СДСМ победува затоа што постојано се менува. Пред нас се сеуште бројни предизвици на секое поле. Започнува процес на нова политика, процес со кој СДСМ ќе остане прв во промените“, посочи Заев.