Британија ќе го поттикнува глобалното прифаќање на вакцините за ковид-19

Вакцинални пунктови во Британија. Илустрација.

Велика Британија соопшти дека планира да одржи виртуелен состанок на 2 јуни за да се поттикне глобалното прифаќање на вакцините за ковид-19, а ќе учествуват медицински експерти, официјални лица од земјите на Г7 и други партнери.

На настанот, според најавите, ќе се разговара за тоа како земјите да се справат со дезинформациите за вакцините, вклучително и улогата што социјалните мрежи можат да ја играат во запирање на ширењето на штетни лаги.

Велика Британија, која има една од најбрзите кампањи за имунизација во светот и со над 90 отсто кај постарите возрасни групи, се надева дека ќе го искористи своето претседателство со Г7 за да го подобри пристапот до вакцини за коронавирус.

Богатите земји генерално се далеку пред повеќето посиромашни нации во имунизација на нивното население. Светската здравствена организација постојано ги повикуваше да направат повеќе за да помогнат во дистрибуцијата на вакцините низ целиот свет, вклучително и зголемување на снабдувањето преку Ковакс механизмот за обезбедување вакцини на посиромашните нации.

„Овој Самит чиј домаќин е Велика Британија е значајна можност земјите од Г7 да се здружат со партнери ширум светот за да преземат активности за одржување на високо ниво на доверба во вакцините и оние што ги обезбедуваат. Ние мора да работиме колективно за да обезбедиме луѓето ширум светот да можат да се вратат на своите животи“, рече британскиот министер за вакцини Надхим Захави.

Британскиот премиер Борис Џонсон ќе биде претседател на самитот на Г7 во Корнвол, југозападна Англија, на 11-13 јуни. Американскиот претседател Џо Бајден се очекува да присуствува, како и други лидери.

Во Велика Британија, првата дозна на вакцина е применета на скоро 70 отсто од возрасната популација и втората до 36 проценти, помагајќи да се намалат стапките на инфекции и смртните случаи.