МОН: Апсурдно е да се протестира против дигитализација во образованието

Министерство за образование и наука


Министерството за образование и наука денеска соопшти дека е апсурдно да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија, како што се наведува, мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества.

Според министерството, промени мора да се случат иако новините се предизвик за сите, но, од нив не треба да се откажуваат, туку напротив заедно и транспарентно да продолжат да работат на нивно интегрирање во системот.

„Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат и за најголем дел од нив, примената на електронски уред за совладување на одредена наставна материја или тема, пребарување и истражување на податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства“, се вели во денешното соопштението од МОН.

Од Министерството сметаат дека новиот закон за учебници и други наставни и дидактички материјали ќе ги донесе европските практики во нашите училишта, а придобивките од истиот, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните 5-6 години. Во меѓувреме, како што велат од Министерството за образование и наука, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои најавуваат како и досега со должно внимание ќе ги разгледуваат, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците.

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска излезе на протести кои започна од Министерството за образование, продолжија до Владата, а завршија пред Собранието. Иницијативата се залага против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование со кој меѓудругото се предвидува дигитализација на учебниците. Демонстрантите бараат преку референдум граѓаните да имаат можност да се изјаснат за образовните реформи.