Протести против образовните реформи, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања

Министерство за образование и наука

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска излезе на протести кои започна од Министерството за образование, продолжија до Владата, а завршија пред Собранието против најавените реформи во образованието.

Иницијативата се залага против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование со кој меѓудругото се предвидува дигитализација на учебниците. Демонстрантите бараат преку референдум граѓаните да имаат можност да се изјаснат за образовните реформи.

Во паркот „Жена борец“ ќе биде поставена и „импровизирана училница“ каде се собираат потписи за поддршка на иницијативата. Протести се одржаа и во други градови низ земјата. Иницијативата претходно апелираше до родителите да ги повикаат своите деца преку отсуство од часовите со физичко присуство или со онлајн настава да изразат незадоволство од реформите.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева порача дека дигитализацијата ќе има негативен ефект кон учениците и наставниците. Според неа, голема е веројатноста резултатите од спроведување на дигитализација со која ќе се укинат учебниците како основно средство за едукација да бидат поразителни.

„Царовска задолжително да ги слушне барањата на родителите, учениците и наставниците. Нејзината улога е за нив и нивните потреби, а не обратно. Додека јавноста апелира да се развие план и програма како ќе се функционира на есен во училиште, Царовска се уште не дава никаков одговор.Во скандалозниот закон кој во Собранието се најде со европско знаменце јасно може да се процени дека постои голема можност учениците од прво и четврто одделение да останат без учебници за наставната програма“ , вели Митева.

Од СДСМ реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски продолжува со деструктивното дејствување против реформите во образованието, на штета на граѓаните.

„На ВМРО-ДПМНЕ не и е грижа ниту за учениците, ниту за образованиот систем, битни и се само партиските и бизнис интереси. Партијата предводена од Мицкоски организира протести и се обидува да ги манипулира родителите и учениците за да ги заштити милионските ексклузивни договори со одредена група издавачи. Лага е дека учениците ќе останеле без учебници. Со новото законско решение ќе има нови, современи и достапни учебници, а дигитализирањето на дидактичките материјали ќе значи само унапредување на наставата и осовремнување на начинот на учење овозможувајќи им на новите генерации квалитетно образование.“, наведуваат од владејачката партија.