СЗО ги повика богатите земји наместо да вакцинираат деца, да ги донираат вакцините

Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус

Светската здравствена организација ги повика богатите земји да ги преиспитаат плановите да ги користат своите залихи на вакцини против ковид-19 за да вакцинираат деца и наместо тоа да ги донираат за употреба во посиромашните земји.

Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус на виртуелен состанок во Женева рече дека разбира зошто некои земји сакаат да вакцинираат деца и адолесценти, „но сега ги повикувам да размислат и наместо тоа да донираат вакцини на Ковакс“.

Ковакс е глобален механизам за споделување и дистрибуција на вакцини во сиромашните земји. Досега се испорача околу 60 милиони дози, но, механизмот се бори да ги исполни целите на снабдувањето, делумно поради ограничувањата на индискиот извоз на вакцината АстраЗенека поради растечка пандемија во земјата.

СЗО се надева дека повеќе земји ќе ги следат Франција и Шведска во донирање вакцини по имунизацијата на нивните приоритетни групи. Канада и САД се меѓу земјите кои имаат овластени вакцини за употреба кај адолесценти.

Досега, околу 1,26 милијарди дози вакцини се администрирани на глобално ниво, но повеќето од нив се во богати земји.