МНР на Бугарија - Состанок со С.Македонија кога ќе се исполнат потребните услови

Знамиња на ЕУ и на Северна Македонија

Бугарија останува отворена за отворен дијалог и соработка со Република Северна Македонија, но сите состаноци мора да се одржат под одредени услови, се наведува во официјалната изјава на новиот министер за надворешни работи Светлан Стоев, што ја пренесуваат бугарските медиуми.

Во изјавата се наведува дека властите во Македонија предложиле телефонски разговор меѓу двајцата министри за надворешни работи и тоа ќе се реализира веднаш штом ќе дозволи распоредот на министерот Стоев.

„Одржување состанок во таков формат мора да биде полн со содржина. Во оваа смисла, потсетуваме дека годишниот извештај за работата на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања треба да биде усвоен на претстојниот меѓувладин состанок. Ја користиме приликата да потсетиме дека министерот Стоев при стапување на должност рече дека бугарската страна останува отворена за дијалог, а привремената влада не е овластена да ја менува рамковната позиција на Бугарија, што беше усвоено со консензус од сите политички сили во Парламентот“, се потенцира во изјавата на бугарското Министерство за надворешни работи.

Премиерот на Македонија, Зоран Заев, е оптимист за решение со Бугарија, со што би се откочиле евроинтеграциите, но техничката Влада на Бугарија соопшти дека ќе го задржи ветото за Македонија.