Замрзната е банкарската сметка на РСЕ во Русија, откако бирото во Москва го посетиле судски извршители.
Овој потег уследи откако агентите на судската служба за извршители во Русија покренаа постапка за извршување против рускиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) за неплатени казни, настанати поради наводни прекршувања на контроверзниот руски закон за „странските агенти“.
Од руската Служба за извршители до РСЕ е пратена судска резолуција со која им се овозможува да бараат увид во банкарските сметки на организацијата и да ги замрзнува. Извршителите ја замрзнаа сметката на бирото во Москва за да може да обезбедат наплаќање на неплатените казни во износ од 68 илјади долари. Станува збор за 10 повреди на законот за странски агенти, за кои истече рокот од два месеци во кои требаше да се платат.
Претходно, денеска, извршителите поминаа околу два часа во бирото на РСЕ во Москва и правеа попис на опрема таму. Тие не се мешаа во работата во бирото и не приведоа никого.
Од почетокот на годината, државната агенција за набљудување на медиумите Роскомнадзор до судовите поднесе околу 520 приговори за кршење на законот од страна на осумте проекти на РСЕ кои се регистрирани во регистарот за масовни медиуми на Министерството за правда, за таканаречени странски агенти.
РСЕ ја отфрла ознаката „странски агент“ и одби да ги почитува барањата на Роскомнадзор, секоја објавена или емитувана сторија да содржи истакнато обележување. РСЕ е во процес на жалба на протоколите, но руските судови досега одбија повеќе од 250 жалби.
Вкупно, казните против радиодифузерот изнесуваат околу 950 илјади долари.
РСЕ побара од Европскиот суд за човекови права да ја спречи Русија во спроведувањето на казните, за кои компанијата вели дека имаат за цел да ги пригушат независните медиуми.