Грција официјално дозволи влез за државјаните на Северна Македонија



Северна Македонија е меѓу земјите за кои, веќе и официјално постои исклучок од забраната за влез во Грција, согласно министерската одлука објавена во Службен весник.

За влез во Грција, за сите со наполнети пет години, задолжително е или сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или потврда за прележан ковид-19.

Со потврда за вакцинација дозволен е влез доколку се поминати 14 дена од ревакцинацијата, а сертификатот треба да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.

Во случај да се патува со негативен ПЦР тест, треба да биде во рок од 72 часа пред пристигнувањето во Грција, да биде направен во одобрена приватна или државна лабораторија и да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.

Алтернативно, патниците кон Грција може да патуваат со потврда дека биле болни од ковид-19 или да покажат резултат од позитивна дијагноза со ПЦР или антиген тест, што е валиден од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот.

Исто така, за сите патници, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), достапен преку интернет страницата https://travel.gov.gr, што треба да биде пополнет пред патувањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Сите посетители на Грција, може да бидат подложени на тестирања по случаен избор со брзи тестови при влезот. Доколку се тестираат, ќе треба да ги почекаат резултатите, а во случај на позитивен тест, ќе бидат во 14-дневен карантин.

Од копнените граници кон Северна Македонија, отворен е само Евзони (Богородица).

Утрово граѓани кои тргнале кон Грција наидоа на затворена граница, оти се чекаше и формална одлука од Владата на Грција за отворање на границата со Македонија.