Пендаровски не го аминуваше легализирањето на дивоградбите

Претседателот Стево Пендаровски ги потпишa Указите за прогласување на законите кои се однесуваат на т.н. петти пакет на економски мерки

Претседателот Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Тој за ова денеска го известил и претседателот на Собранието Талат Џафери. Во известувањето до Џафери е посочено дека одлуката ја донел основа на детална анализа на текстот на Законот.

„ При што утврдив дека текстот на Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт“ вели Пендаровски во писмото до Џафери.

Тој посочува дека со овој закон се легализираат дигоградби закои може и кривично да се одговара, со што ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност и стимулира непочитување на правните прописи.

Сложни пратеници и во петок легализираат дивоградби

„Стимулирањето на непочитувањето на правните прописи нанесува трајна штета на сите напори нашата држава да ја изградиме како демократска држава заснована врз владеењето на правото и почитувањето на правата и слободите на човекот и граѓаните“ вели Пендаровски.


Според него со овој закон се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба.

Закон за дивоградби- награда за криминалот, казна за легалистите

„Донесениот Закон во член 17 предвидува можност за легализација на бесправно изградени објекти дури и во „строг природен резерват, национален парк, споменик на природа, парк на природа, заштитен предел, заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење“. Ваквата можност е прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина, а дополнително можноста за легализација на бесправно изградени објекти во заштитни зони на вода за пиење потенцијално го загрозува јавното здравје, чијашто заштита е, исто така, законска обврска на државата“ вели Пендаровски.

Тој апелира до сите пратеници уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот. Пред два дена пратениците од владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ здружно го донесоа новиот закон за легализација на дивоградби, со кој ќе може да се легализираат вакви објекти и во национални паркови.