Сè уште нема формална одлука на грчката Влада за отворање на границите, затоа е направен тој застој на македонско- грчката граница, вели македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Тој на новинарско прашање денеска одговори дека македонските граѓани кои чекаат на граничниот премин нема на можат за ја поминат границата без формална одлука на Владата во Грција.
„Ние сме во очекување да се формализира намерата на Грција за отворање на границите и да можат да минуваат граѓаните“ вели Османи кој ги повика граѓаните да се информираат преку официјалните соопштенија.
Граничниот премин „Богородица“ на грчко-македонската граница сè уште е затворен и не се пропуштаат возилата накај Грција, иако беше најавено и од грчка и од македонската страна дека денеска ќе биде отворен. Стотина возила, според локалните медиуми, чекаат на македонско грчкиот премин да се отвори границата и да заминат во Грција.
Грција излегува од шестмесечниот карантин
На 14 мај почнува и туристичката сезона и ќе се дозволи влез и на странски туристи. Грција ги признава сите вакцини против ковид-19, а не само оние одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Според здравствените протоколи што ги усвои земјата, објавени на веб страницата на грчкото Министерство за надворешни работи, на граница ќе се признаваат и сертификатите за вакцинирање со руските и кинеските вакцини, кои сè уште не се одобрени за користење во Европска Унија.