Сопственикот на најголемиот нафтовод во Соединетите Држави соопшти дека го рестартирал целиот систем и повторно започнал со испорака на гориво откако по сајбер нападот за кој Вашингтон вели дека потекнува од Русија го принуди да биде запрен и предизвика загриженост за снабдувањето со гориво. Ќе бидат потребни неколку дена за испораките на гориво да се вратат во нормала по должината на нафтоводот долг 8.850 километри, а некои пазари може да имаат наизменични прекини на услугите. На 8 мај беше објавено дека нафтоводот бил цел на сајбер напад за откуп. Претседателот Џо Бајден на 13 мај ги увери американските возачи дека снабдувањето со гориво треба да започне да се враќа во нормала овој викенд.
Бајден: Русија има „одредена одговорност“ во сајбер нападот на гасоводот во САД
ФБИ ја идентификуваше групата која стои зад нападот како криминална банда позната како DarkSide, хакерска мрежа за која експертите за сајбер безбедност велат дека е со седиште во Русија или Источна Европа. Бајден рече дека американските власти не веруваат дека руската влада била вмешана во нападот, но додаде: „Имаме силна причина да веруваме дека криминалците кои го извршија нападот живеат во Русија. Оттаму потекнува“. Вашингтон е во директна комуникација со Москва за потребата од преземање мерки против мрежите за откуп, рече Бајден. Не е откриено колку пари барале хакерите и не е јасно дали бил платен откуп.