Израелската армија објави дека нејзини припадници синоќа влегле во Појасот Газа, како дел од операцијата против палестинското екстремистичко движење Хамас, кое управува со таа територија. „Израелските воздушни и копнени сили изведуваат напад во Појасот Газа“, се вели во кратката порака на израелската армија. Израелската армија потврди за агенцијата Франс Прес дека нејзините војници влегле во палестинската енклава, но не го наведе нивниот број. Претходно, Хамас изврши силен ракетен напад врз Израел, додека еврејската држава ги интензивира воздушните напади врз Газа под контрола на Хамас во континуирана ескалација на непријателствата и покрај напорите на египетските преговарачи кои водеа лични разговори со двете страни.
Израел: "Ова е само почеток",Вашингтон се подготвува да испрати претставник во регионот
Додека некои ракети лансирани од милитантите стигнаа до областа на Тел Авив, израелските воздушни напади срушија три високи згради за кои се наведува дека биле објекти на Хамас, вклучително и разузнавачки комплекс, откако ги предупредија цивилите да се евакуираат. Борбите предизвикаа и насилни судири меѓу Арапите и Евреите во Израел, што го натера премиерот Бенјамин Нетанјаху да предупреди дека е подготвен да употреби „железна тупаница ако е потребно“ за да го смири насилството. Еврејски и арапски толпи се судрија во градот Лод, епицентарот на неволјите. Во блискиот Бат Јам, толпа еврејски националисти нападнаа арапски возач, го влечеа од неговиот автомобил и го тепаа сè додека не беше неподвижен. Арапските граѓани на Израел сочинуваат околу 20 проценти од населението од 9 милиони жители. Летовите се откажани или пренасочени од главниот аеродром во земјата. Околу 83 Палестинци се убиени, соопшти Министерството за здравство на енклавата под контрола на Хамас на 13 мај. Седум лица се убиени во Израел, соопштија медицинските власти. Египетска делегација отпатува за Тел Авив како дел од напорите за посредување што ги започна Каиро за постигнување на примирје. Египетските претставници се состанаа прво со лидерите на Хамас во Газа пред да отпатуваат за Тел Авив.
Бајден го поддржува Израел, Нетанјаху вети дека ќе продолжи да го напаѓа Хамас
На дипломатски фронт, францускиот претседател Емануел Макрон повика на „дефинитивно повторно започнување“ на преговорите за да се постигне, како што рече, „траен и фер“ мир меѓу Израелците и Палестинците. Во телефонскиот повик со американскиот претседател Џо Бајден, Нетанјаху најави дека „ќе продолжи да дејствува врз воените можности на Хамас“ и другите милитантни групи во Газат. Белата куќа соопшти дека Бајден пренел „непоколеблива поддршка за безбедноста на Израел и за легитимното право на Израел да се брани“.