Заев оптимист за решение со Бугарија, помошта од Грција добредојдена

Архивска фотографија: Премиерот Зоран Заев

Мислам дека ќе најдеме решение со Бугарија, ни треба помош од Грција, која сега веќе е наш стратешки партнер. Грција е многу гласна на Европскиот совет преку премиерот Мицотакис, преку министерот Дендиас, тие се многу фокусирани и лидери на процесот за интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, истакна премиерот Зоран Заев за време на неговото учество на шестиот Делфи економски форум во Атина, јави дописничката на МИА од Атина.

Во дијалог со уредникот на „Катимерини“ Атанасиос Елис, премиерот Заев зборуваше за Договорот од Преспа, за соработката со Грција, за односите со актуелниот грчки премиер, откри дека Мицотакис барал начини да ѝ помогне на Македонија во справувањето со пандемијата, говореше за врските со лидерот на СИРИЗА и поранешниот грчки премиер, за нашето членство во НАТО, но и за бугарската блокада на нашиот пат кон Унијата.

Тој изрази оптимизам за разговорите со Софија, објасни дека процесот е малку забавен поради изборите во Бугарија, но и истакна дека станува збор за смешен проблем, кој дури не може ни да го објасни.

„Ние продолжуваме да разговараме со нив, ние сме пријатели со сите. Бугарија го измисли ова прашање. Дури, не ни можам да ви објаснам што е проблемот сега, бидејќи е смешен проблем, непостоечки проблем. Ни треба да најдеме решение бидејќи тоа е добивка и за Бугарите и за Македонците од Северна Македонија и само придобивки би донело на сите“, истакна премиерот.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции, тврдејќи дека Македонија ја краде нивната историја, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.