Хамас рано изутрината истрела стотици ракети кон Тел Авив и други делови на Израел кој пак најави дека ќе ги продолжи воздушните напади врз Газа и покрај меѓународните повици за деескалација на најжестоките борби во регионот во последните неколку години. Американскиот претседател Џо Бајден го поддржа Израел во неговиот прв телефонски повик со премиерот Бенјамин Нетанјаху од почетокот на непријателствата на 10 мај, осудувајќи ги ракетните напади и пренесувајќи „непоколеблива поддршка за безбедноста на Израел и за легитимното право на Израел да се брани“, соопшти Белата куќа на 12 мај.
Страв од војна поради ескалацијата на насилството меѓу израелската војска и Хамас
Откако Советот за безбедност на ОН вчера одржа уште еден неубедлив итен состанок, Вашингтон соопшти дека ќе испрати претставник на Блискиот исток да се обиде да ги смири тензиите меѓу Израел и Палестинците. „Моето очекување и надеж е дека ова ќе се затвори порано отколку подоцна, но Израел има право да се брани“, рече Бајден по разговорот со Нетанјаху. Не е јасно зошто Бајден верува дека насилството може да заврши наскоро. Нетанјаху сигнализираше дека Израел нема намера да брза да постигне примирје и оти израелските напади врз Хамас и другите палестински милитанти во Газа „е само почеток“. Хамас, исто така, покажа подготвеност да продолжи со борбите. Најмалку 56 Палестинци се убиени во Газа од ескалацијата на насилството на 10 мај. Тоа вклучува 14 палестински деца зафатени со конфликтот. Седум лица се убиени во Израел, соопштија медицинските власти.