Сијарто: Унгарија ја поддржува С. Македонија на патот кон Европа

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто

Унгарија е безусловен и посветен поддржувач на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Дадовме безусловна поддршка и за вашето членство во НАТО, и сметаме дека вашето место е во Европската Унија, која не може да биде комплетна без државите од Западен Балкан, и тоа е од обостран интерес, како за ЕУ така и за вас, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, на заедничката прес-конференција со шефот на диломатијата Бујар Османи.

Сијарто рече дека во следниот период ќе направат се, со цел земјава што побрзо да стане членка на ЕУ.

"Се надевам дека сите земји-членки во предвид ќе го имаат интересот на ЕУ, а тој интерес е државите од Западен Балкан станат што побрзо членки на Унијата. Ако тоа зависи од нас тогаш вие ќе станете многу брзо членка на ЕУ, и еврокомесарот Вархеји и Владата на Унгарија сме посветени поддржувачи на вашите евроатлантска интеграција и се надеваме дека во иднина нема да има потреба за поставување на никакви методолошки прашања во овој процес", рече тој.

Сијарто денеска на Османи му предаде донација од шест илјади дози од вакцината АстраЗенека, што ќе биде наменета пред сѐ за припадниците на Граничната полиција во состав на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.

Во однос на евро-интегративниот пат на Македонија, Османи и Сијарто разменија мислења за внатрешните политички процеси поврзани со реформската агенда, но и за состаноците во Брисел каде на различни нивоа во ЕУ беше разгледувано европското досие на земјава.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека се уште верува дека постои можност да се влезе во посуштински разговори и со техничката Влада во Бугарија и најави дека идната недела очекува да има поголема дипломатска активност за да може да се одржи првата меѓуладфина конференција во јуни.

Претходно, техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, кој денеска ја презеде функцијата од досегашната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева во рамки на техничката Влада на Бугарија, рече дека немаат надлежност да ја променат позицијата на Бугарија кон Северна Македонија.