Ефикасноста на судовите во справувањето со предметите е на задоволително ниво, транспарентноста нема позначајни подобрувања, во квалитетот е забележан мал прогрес а независноста и непристрасноста на правосудството и понатаму остануваат најниско оценета област, покажува Вториот национален извештај кој е заснован на резултатите од мерењето со Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите на правосудството. Според извештајот, професионалниот развој и правична застапеност е областа која е оценета со највисока оцена.
Во однос на „Ефикасноста“, според Извештајот и покрај недоволниот број судски службеници за вршење документирање и правно истражување, ефикасноста на судовите во справувањето со предмети е на задоволително ниво. Значителен процент на судии и адвокати сметаат дека информатичката инфраструктура во судовите е несоодветна, спора, и несигурна. Споредено со перцепциите од 2018 година, во делот „Транспарентност и отчетност“ нема позначајни подобрувања.
Ова го нотираше министерот за правда, Бојан Маричиќ во своето обраќање на денешниот настан на кој беше презентиран Извештајот.
Претседателка на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Павлина Црвенковска истакна дека Извештајот ги рефлектира моменталните перформанси на правосудниот систем, ги идентификува потребите и слабостите, но, воедно укажува и на резултатите од досегашните имплементирани реформски иницијативи и активности.
Реформите во правосудството засега само на хартија
Амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава Рејчел Галовеј, посочи дека реформите во правосудството се навистина важни и нивните одлуки влијаат значително врз животот на луѓето а и на државата.
„Овие реформи се осмислени и веќе се во фаза на спроведување и ваквите истражувања и анализи кои што се спроведуваат ќе дадат голем придонес. Важно е денеска, по овие забелешки, да можеме детално да го продискутираме напредокот што е постигнат и предизвиците кои што претстојат“, рече Галовеј.
Таа истакна дека Обединетото Кралство ќе биде тука за поддршка, но ќе биде и критички настроен пријател, бидејќи сето она што ќе произлезе од ова ќе биде, според неа, од големо значење за понатамошното партнерство.