Пендаровски прво ќе го разгледа законот за дивоградби, па ќе одлучи за потпис

Претседателот Стево Пендаровски

Законот за дивоградби што вчера го изгласа Собранието денеска е доставен до претседателот на државата. Како што информираат од неговиот кабинет, претседателот ќе го разгледа, по што ќе донесе одлука дали ќе го потпише Указот.

„Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, денеска е доставен од Собранието на Република Северна Македонија. Претседателот Стево Пендаровски ќе го разгледа текстот на законот по што ќе донесе одлука и навремено ќе ја информира јавноста“, соопштуваат од Кабинетот на Пендаровски.

Претходно, Демократскиот сојуз побара од претседателот Пендаровски да не го потпишува законот, затоа што е спротивен на владеење на правото и ги штити оние кои граделе бесправно.

Во меѓувреме и Државната комисија за спречување на корупцијата размислува да поднесе иницијатива до Уставниот суд за Законот за легализација на дивоградбите, кој вчера беше донесен во Собранието.Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вели дека прво ќе го анализираат текстот на Законот, но според објавеното во медиумите, таа истакнува дека Законот нема никаква логика.

„Ако Законот за легализација на дивоградбите стапи во сила, тогаш можеме да ставиме крст на сите други закони, затоа сме на мислење да поднесеме иницијатива до Уставниот суд, па тие судии нека ценат“,изјави претседателката Билјана Ивановска за порталот мкд.мк

Од Владата пак велат дека со Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти ќе се реши урбанистичкото дивеење.

„За да се легализра во заштитно подрачје треба да се добие согласност од надлежниот орган, министерство или друга институција дека градбата не го загрозува тоа подрачје. Така што, невозможно ќе биде многу лесно да се легализира секој објект во тие подрачја. Законот е усогласен и со опозицијата, при што се прифатени и неколку нејзини амандмани во Собранието и вградени во него. Со законот се спречува урбаното дивеење со тоа што се зголемува цената за легализација со плус 50 отсто од основните комуналии со што се обесхрабруваат сите кои мислат да градат нелегално“, изјави денеска владиниот портпарол Муамет Хоџа.

Власта со нови закони ја продолжува легализацијата на дивоградбите?

Коментирајќи ги реакциите за новиот Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска изјави дека без согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање нема да може да се стави во правна рамка објект во заштитени подрачја.

Реакциите во јавноста се дека новиот Закон за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти што вчера го изгласа Собранието ќе донесе нови дивоградби и неуривање на постојните, но и амнестија од одговорност на оние што граделе незаконски.

Членот 41 од Законот, додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење.