Ескалираат борбите меѓу Израел и милитантите во Газа

Борбите меѓу Израелците и Палестинците ескалираат

Борбите меѓу Израелците и Палестинците ескалираа во текот на ноќта со израелските воздушни напади врз позициите на Хамас во Газа и со ракетни бранови од страна на милитантите врз Израел. Во Газа, здравствените власти рано денеска соопштија дека најмалку 30 Палестинци, од кои 10 деца, се убиени и над 200 ранети од почетокот на непријателствата пред два дена. Израелската војска соопшти дека најмалку 20 милитанти биле убиени при нападите врз околу 140 цели во енклавата. Седум Израелци биле убиени, а уште десетици ранети откако Хамас во Газа и групата Исламски џихад испукаа стотици ракети, при што израелскиот противракетен систем Железна купола го осветли небото над Тел Авив и другите градови.

Десетици загинати во ескалација на судирите меѓу Израел и Хамас

Ескалацијата на насилството е една од најлошите меѓу Израел и Хамас од војната во 2014 година и предизвика меѓународна загриженост дека ситуацијата може да излезе од контрола. Избувнаа и немири меѓу израелското арапско малцинство во неколку градови во знак на солидарност со нивните палестински браќа и поради долгогодишните поплаки дека се третираат како граѓани од втор ред во еврејската држава. Насилството беше особено изразено во мешаните еврејско-арапски градови како Лод, предградие на трговскиот центар Тел Авив во близина на аеродромот Бен Гурион, кој беше затворен за летови поради ракетни напади.