Завршни активности на воените вежби во Криволак

Војници на воената вежба „Trojan Footprint 21“ на Криволак во Северна Македонија.

На армискиот полигон „Криволак“ денеска беа прикажани дел од завршните активности од воената вежба „Trojan Footprint 21“ во која учествуваат припадниците на Батаљонот на специјалните сили и специјалните сили на армијата на САД за Европа, соопшти Министерството за одбрана.

На вежбата беа прикажани интероперабилности меѓу сојузниците при изведување на специјални операции на копно со поддршка на воени авиони.

„На денешната вежба за прв пат беа прикажани можностите на авионот АС-130, од составот на военото воздухопловство на САД“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Од Министерството посочуваат дека вежбата „Trojan Footprint 21“ се изведува од 4 до 14 мај во Северна Македонија, во Романија, Бугарија, Црна Гора и Грузија.

Исто така се наведува дека во издвоени активности учествуваат десет НАТО и партнерски армии, со цел подобрување на способностите на НАТО и партнерските нации за изведување на операции на специјалните сили во координација со конвенционалните сили.

Со тоа, велат тие, ја зголемува интероперабилноста, меѓусебните односи и довербата помеѓу сојузничките армии а со тоа се зголемува и безбедноста во Европа.

На настанот присуствуваа началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс.