Украина соопшти дека не очекува на самитот на НАТО следниот месец да се донесе Акционен план за членство за земјата, бидејќи некои членки на воената алијанса се загрижени дека таквиот потег ќе ја предизвика Русија.
„Во однос на препреките, за жал, сè уште има неколку земји меѓу сојузниците кои се водени од логиката да не ја провоцираат Русија и веруваат дека седењето и не правењето ништо е најдобриот начин да се држи Русија мирна“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Приклучувањето на Украина во Алијансата, на која жестоко се спротивстави Москва е историски неизбежн, рече Кулеба, додавајќи: „Тоа ќе се случи. Јас сум апсолутно убеден во тоа“.
Акционен план за членство е програма на совет, помош и практична поддршка прилагодена на индивидуалните потреби на земјите кои сакаат да се приклучат во НАТО. Учеството не прејудицира каква било одлука на Алијансата за идно членство“, се вели на веб-страницата на Алијансата.
Коментарите на Кулеба доаѓаат откако Русија на почетокот на оваа година распореди повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина и во Крим, што претставува најголемата мобилизација откако Москва го зазеде украинскиот полуостров во март 2014 година и избувна војна во источна Украина.