Заев: Европските лидери разбираат дека македонскиот идентитет не е за преговори

Премиерот Зоран Заев

Се осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во било која друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори, порача премиерот Зоран Заев по посетата на Брисел.


„Фон дер Лајен, Вархеји, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош, сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција, додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме. Порачавме јасно и гласно и повторивме- тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел, после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина. Ние имаме и гордост и сопствен идентитет. Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра нити мојата Влада, ниту било која друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка.“, рече Заев.

Тој додава дека земјата многу сработила, испорачала реформи и правда и време е и ЕУ да го испорача ветеното кон нас. Неговата европска агенда, како што наведува, продолжува, од Брисел во Мадрид, а после тоа и на економскиот форум Делфи во Атина, Грција.