Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација, според министерството, секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 303.574 граѓани.
Прва доза вакцина вчера примиле 13.076 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.033 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 145.043 дози вакцини, од нив 121.181 граѓани се вакцинирани со прва доза, а ревакцинирани се 23.862 граѓани. Со последните бројки 35% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Во изминатите 24 часа, како што наведоа од министерството, во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 412 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 701 и има околу 1000 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, според соопштението, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.