Претседателот на САД Џо Бајден изјави дека Русија има „одредена одговорност“ да се справи со сајбер нападот кој го парализира најголемиот гасовод во САД, иако тој се воздржа од директно обвинување за Кремљ. Бајден рече дека „нема докази“ оти руската влада е вклучена во нападот врз „ Колонијал гасоводот“, но рече дека „има докази“ оти хакерите или софтверот што го користеле се „во Русија“. „Тие имаат одредена одговорност да се справат со ова“, рече Бајден, додавајќи дека тој најверојатно ќе се состане со рускиот претседател Владимир Путин во јуни. Одговарајќи на коментарите на Бајден, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, за новинската агенција ТАСС изјави дека „Русија нема никаква врска со ова“.
Главниот гасовод во САД два дена не работи поради напад на сајбер криминалци
Претходно, ФБИ ја идентификуваше групата која стоеше зад нападот врз гасоводот како криминална банда позната како „ДаркСајд“, хакерска мрежа што се појави минатата година за изнудување пари од жртвите. Сајбер експерти велат дека мрежата може да е со седиште во Русија или поранешните советски држави, каде што локалните безбедносни служби ги толерираат, а понекогаш дури и ги ангажираат овие сајбер криминалци. ДаркСајд во
минатата година започна да ги напаѓа компаниите претежно во Западна Европа, Канада и САД, барајќи откупот да се плати во биткоин. За возврат, ја снабдува компанијата со програма што ќе ги отклучи нејзините компјутерски системи.